fbpx


ПЕТ/КТ е една од најефикасните техники за снимање кои се денес на располагање. Накратко, ПЕТ/КТ е техника за снимање која ги покажува функциите на органите и ткивата во човечкото тело на метаболичко ниво. Комбинирајќи ги предностите на ПЕТ (позитронска емисиона томографија) и КТ (компјутерска томографија), обезбедува детални анатомски информации. ПЕТ/КТ особено е користен во онкологијата за идентификација на тумори, за определување на раширеноста на туморот, за планирање на радиотерапија, за процена на реакцијата на пациентот кој е на лекување. 

ПЕТ/КТ се користи како дијагностичка метода во дијагностицирање на метастатски промени во `рбетниот столб кои се јавуваат како резултат на појава на карцином во друг дел од телото. Оваа алатка служи и за откривање на примарни карциноми кои се јавуваат на самиот `рбет.

Со помош на скенот на коски, докторот го лоцира местото на повредата на `рбетот. Помага во дијагностицирање на тумори на `рбет, инфекции или скриени скршеници со многу поголема прецизност за разлика од рендгенот.

За време на скенот, се инјектира радиоактивна супстанција во телото. Ваквата супстанца се врзува за деловите на коската со брзи промени. По скенирањето, овие делови се регистрираат на записот со црна боја. Откако докторот прецизно ќе го утврди местото на оштетување на `рбетот, ќе препорача уште неколку дијагностички методи со цел детално да се испита оштетената регија.

Скенот на коски е безбедна метода бидејќи дозата на радијација на супстанцијата која се внесува во телото е на многу ниско ниво – помала  дури и од дозата при снимање на рендген. 


Со помош на Електромиографија се детектира состојбата на нервните корени кои го напуштаат `рбетот и минуваат низ екстремитетите. Работи преку емисија на електрична активност во мускулите кои се контролирани од страна на овие нерви. На пример, доколку чувствувате болка во долниот дел на грбот, со помош на ЕМГ се тестираат мускулите на нозете за да се види дали постои оштетување на нервите кои минуваат низ нозете.

За време на ЕМГ тенки иглени електроди се поставуваат на мускулите кои се тестираат. Електричната активност се спроведува и за време на одмор и за време на контракција на мускулот и се запишува во вид на амплитуден запис. Доколку мускулите не функционираат нормално, тоа значи дека нервот е иритиран/притиснат што е можен знак за дискус хернија или спинална стеноза. 

Магнетната резонанца е  најсовремениот дијагностички апарат кој дава прецизна слика не само на коските туку и на меките ткива, па на тој начин служи како прецизна дијагностичка алатка во откривањето на заболувањата на `рбетниот столб. Магнетната резонанца  дава јасна слика на целокупната анатомија на `рбетниот столб, па се користи при дијагностицирање на дегенеративни заболувања на дискот, дискус хернија, спинални стенози, ишијас, кифози, сколиози, тумори и инфекции на `рбетот.

Благодарение на комбинација од Х-зраците со компјутерска технологија, компјутерската томографија претставува прецизна и подетална дијагностичка алатка за разлика од рендгенот. Компјутерската томографија е брза, безбедна и безболна метода која може да се комбинира и со други дијагностички тестови со цел да се добие прецизна дијагноза.

КТ скенот се препорачува при дијагностицирање на дискус хернија, спинални стенози, ишијас, сколиози, кифози. Служи и за дијагноза на тумори и инфекции на ’рбетниот столб.

Повеќе артикли...