fbpx

Spina Bifida

Spina bifida претставува најчест вроден деформитет на `рбетниот столб и `рбетниот мозок. Станува збор за дефект на невралната туба што се јавува за време на интраутериниот период. Ваквиот деформитет настанува во првите месеци во бременоста (17. – 30. ден) при што задниот дел на `рбетниот столб не е затворен целосно. Најчест синоним за spina bifida е „расцеп на `рбетниот мозок“ или „отворен мозок“. Опасноста на овој дефект е тоа што низ тој расцеп на ‘рбетниот канал може да излезе ‘рбетниот мозок. Отворот кој останува може да биде мал и да се забележи случајно, најчесто при снимање на рендген снимка на `рбетот поради други причини. Во случај кога отворот е голем доаѓа до интензивирање на невролошките симптоми до целосна парализа. Најчесто се јавува во долниот дел на `рбетот (лумбалниот).

Spina bifida occulta (скриена spina bifida) е вид на spina bifida што потешко се открива поради тоа што кожата го покрива деформитетот на `рбетот, како и придружните абнормалности на ‘рбетот и нервните корени. Spina bifida occulta се јавува како резултат на деформитет на `рбетот поврзан со абнормален развој на ‘рбетните нерви и ‘рбетниот мозок. Една од причините за појава на овој деформитет е нецелосно спојување на коскените плочи кои го формираат ‘рбетниот лак. Ваквиот дефект обично зафаќа еден прешлен, најчесто во лумбалниот дел. Бидејќи тука не постои абнормалност на `рбетниот мозок, не се јавуваат проблеми со нозете, и нарушување на контрола за мокрење и дефекација. Во некои случаи на spina bifida occulta доаѓа до спојување на телата на неколку прешлени заедно. Ова предизвикува искривување на нормалната кривина на ‘рбетот, што резултира со благо свиткување на грбот. Во случај кога во `рбетниот канал се наоѓа фиброзно или масно ткиво, `рбетниот мозок може да стане абнормално зголемен при што се јавуваат парализа на нозе, губиток на контрола за дефекација и мокрење, како и нарушувања во моториката.

СИМПТОМИ

Симптомите може да се појават по раѓањето или да се интензивираат во понатамошниот развој: болки во грбот, вдлабнување на кожата во крстнослабинскиот дел со најчесто присуство на влакна во неа, појава на масно ткиво под неа или во каналот.

ДИЈАГНОЗА

Магнетната резонанца дава најјасен приказ на `рбетниот столб и нервните корени.

ТРЕТМАН

Spina bifida occulta се јавува рано во бременоста. Од голема важност е децата кои се дијагностицирани со оваа состојба да одат на чести контроли. Доколку се присутни горенаведените симптоми, се изведува хируршка интервенција со која се ослободува спиналниот мозок и корените на нервите од притисокот. Доколку постои масно ткиво или фиброзно ткиво околу ‘рбетниот мозок, треба да се отстрани. Како превентивна мерка се препорачува земање фолна киселина за време на бременоста.

Spina bifida cystica

Spina bifida cystica е најчеста форма на spina bifida. Се јавува кога делови од ‘рбетниот мозок и нервите минуваат низ отворениот дел на ‘рбетот предизвикувајќи оштетувања на нервите. 70-90 % од децата кои ја имаат оваа состојба може да имаат премногу течност во мозокот (хидроцефалус). Ова се случува бидејќи течноста која го заштитува мозокот и `рбетниот мозок не се ицедува како што треба. Течноста предизвикува притисок. Доколку не се третира, главата на детето расте голема и предизвикува оштетувања на мозокот. Бидејќи овој симптом може да се појави и кај децата кои немаат spina bifida, потребна е посета на лекар и прецизна дијагноза.

Најчест видлив знак е појава на ќесе (циста) прекриено со тенок слој кожа во пределот на грбот.

Постојат две форми на spina bifida cystica :

1.Myelomeningocele (Миеломенингоцела) 

Myelomeningocele е најсериозно нарушување каде цистата не само што содржи ткиво и цереброспинална течност туку и нерви и дел од ‘рбетниот мозок. ‘Рбетниот мозок е оштетен или нецелосно развиен. Како резултат на тоа се јавува парализа и губиток на сензитивност во зависност од локализацијата на оштетениот дел, нарушување на контролата за дефекација и мокрење.

2. Meningocele  (Менингоцела)
Кај оваа форма цистата содржи обвивки на мозокот (менингијални обвивки) и цереброспинална течност при што го нарушува централниот нервен систем. Може да се јави нарушувања во развојот на ‘рбетниот мозок, но последиците се помали во однос на менингомиелоцелата. Надворешниот дел на ‘рбетниот столб е поделен, а ‘рбетниот мозок е нормален. Обвивките на мозокот се оштетени.

ТРЕТМАН

Spina bifida cystica бара хируршката интервенција да биде изведена два до три дена по раѓањето со цел да се превенираат инфекции, а воедно и да се превенира оштетувања на ‘рбетниот мозок.