fbpx

Структура и функција на `рбетен мозок

`Рбетниот мозок е дел од централниот нервен систем што се протега низ должината на  `рбетниот канал.  Заштитен е од коскените структури на `рбетниот столб. Обвиен е со три мембрани ( dura mater,arachnoid и pia mater).

 Од `рбетниот мозок се формираат 31 пар `рбетни нерви. Во зависност од кој дел на `рбетот излегуваат, нервите се поделени на 8 вратни, 12 градни, 5 слабински, 5 крстни и 1 тртичен нерв. Секој пар нерви одговара на еден дел од `рбетниот мозок означен како сегмент. Ваквата поделба одговара на развојната фаза во која ’рбетниот мозок го исполнува целиот ’рбетен канал. Меѓутоа, во текот на развојот доаѓа до диспропорционален развој на ’рбетниот канал и ’рбетниот мозок, што предизвикува природно поместување на ’рбетниот мозок нагоре. Аналогно на првобитната положба, поделен е на четири делови: вратен, граден, слабински и крстен. Низ средишниот дел на `рбетниот канал се протега `рбетниот мозок кој во долниот дел се проширува во завршната комора (ventriculus terminalis).

`Рбетниот мозок е изграден од сива и бела маса. Сивата маса се наоѓа во средишниот дел на мозокот, а околу неа се наоѓа белата маса. Сивата маса ја формираат телата на невроните, дендрити и глија клетки, додека белата  се состои од аксони групирани во ганглии.

’Рбетниот мозок претставува  голем рефлексен центар и спроводен пат меѓу мозокот и телото. Почнува во висина на долниот дел од првиот вратен прешлен (атлас), а завршува во висина на првиот или вториот лумбален прешлен. Долг е околу 42-45 цм, така што ги зазема само горните две третини од ’рбетниот столб.

Функција на ’рбетниот мозок

-       Спроведување информации

Спроведувањето информации се изведува преку нервните патишта или трактуси кои се наоѓаат во белата маса. Преку овие нервни патишта `рбетниот мозок го поврзува мозокот со периферните нерви и обратно. Благодарение на оваа функција се испраќаат информации од кожните и мускулните рецептори, како и од рецепторите за болка. Преку `рбетниот мозок се спроведува и контрола на волните и научени движења, и тоа посебно на горните екстремитети.

-       Движење на делови на телото

Движењето на одредени делови на телото (глава, врат, труп, екстремитети, дијафрагма) се изведува преку работата на мускулите кои се под контрола на нервите кои излегуваат од `рбетниот мозок.

-       Остварување на рефлексни реакции  (флексија,екстензија)

’Рбетниот мозок е центар на голем број рефлекси.’Рбетните рефлекси се реализираат со посредство на рефлексниот лак кој може да биде моносинаптичен и полисинаптичен. Благодарение на оваа функција доaѓа до контракција на мускулите  на долните и горните екстремитети (нивна флексија и екстензија), контракција на мускулите кои го одржуваат телото во исправена положба.

`Рбетот претставува комплексна структура која овозможува стабилност и мобилност на човековото тело.  Составен од 33 коски наречени прешлени, служи како столб кој исправено го држи телото и воедно го заштитува ’рбетниот мозок. Кај здравиот `рбет постојат три природни искривувања кои му ја даваат формата на буквата „Ѕ“ гледано од страна. Овие искривувања овозможуваат правилна распределба на телесната тежина.

’Рбетот е поделен на 5 сегменти

Вратен (цервикален) сегмент.  Цервикалниот сегмент на ’рбетот ја опфаќа регијата на најгорниот дел на ’рбетот или вратоти е составен е од 7 прешлени(C1-C7).  Вратните прешлени се најтенките прешлени на `рбетот, но овозможуваат одлична флексибилност и стабилност на вратот.  Со помош на првиот вратен прешлен (Атлас) вратот се движи напред/назад, додека вториот прешлен (Аксис) овозможува ротирање на вратот.

Граден (торакален) сегмент. Торакалниот сегмент се состои од 12 прешлени и претставува најдолг дел на `рбетот.  Торакалните прешлени се поголеми и поцврсти за разлика од вратните, но се одликуваат со помала флексибилност. Зглобувањето на торакалните прешлени со ребрата оформуваат т.н. ребрен кафез кој  го прави овој сегмент постабилен од другите. Воедно ваквата формација ги заштитува органите кои се наоѓаат во градниот кош.

Слабински (лумбален) сегмент. Лумбалниот сегмент (долниот дел на грбот) го поврзува торакалниот дел од ’рбет со карлицата. Составен е од 5 прешлени. Овој дел од `рбетот ја „носи“ најголемата тежина на човековото тело и токму поради тоа најголемите проблеми со ’рбетот и болките во рбетот се јавуваат токму во овој дел.

Сакрален (крстен) сегмент. Сакралниот сегмент од `рбетот е составен од една голема коска наречена сакрум или крст. Крстната коска е рамна, триаголна коска формирана со спојување на 5 помали прешлени. Главната улога на крстната коска е да го поврзе `рбетот со карличните (илијачни) коски.

 Кокцигеалниот сегмент е составен од крстната коска која е формирана со спојување на 3 до 5 мали прешлени.  Најчесто крстната коска е составена со спојување од 4 мали прешлени, но кај некои луѓе можно е таа да биде составена од 3 или 5 мали прешлени, што не влијае на нејзината функција. Овој дел е познат како опашка кој има улога да ја носи тежината на телото при седнување и овозможува поврзување на мускулите од карлицата и глутеалната регија.

Интервертебрални дискови

`Рбетните прешлени меѓусебно се одделени со меѓупрешленските (интервертебрални) дискови со цел да се спречи триење на прешлените меѓусебе.  Секој меѓупрешленски диск е составен од цврсто ткиво (прстен) исполнет со мек гел (јадро). Прстенот е составен од лигаменти со кои се поврзани прешлените. Јадрото  во најголем дел е составено од вода и има улога на амортизер – го ублажува триењето на прешлените. Кога поради одредени состојби доаѓа до раскинување на  прстенот може да дојде до протекување на содржината на мекото јадро. Оваа состојба може да предизвика болка бидејќи се создава притисок помеѓу прешлените, како и компресија (притисок) на нервите.

Меки ткива

Тетивите ги поврзуваат мускулите со коските, а лигаментите ги спојуваат коските и ги зајакнуваат зглобовите. Тие, исто така, го ограничуваат движењето во одредени насоки. Мускулите го обезбедуваат движењето на телото и помагаат во одржувањето на стабилната позиција на телото против силите на гравитацијата.