Често поставувани прашања
Зошто се јавува болка во грбот?
Наједноставниот одговор е бидејќи имаме исправен од. Ваквата положба доведува до можност за искривување на природната кривина на `рбетот – конвексно кон напред или конкавно кон назад. Ова резултира со притисок на петте лумбални дискови. Ваквиот притисок ги оштетува дисковите. Оштетените дискови вршат притисок на нервите кои минуваат низ ’рбетниот столб и поради тоа се појавува болката во грбот која најчесто е придружена со болка во нозете. Друга причина за болка е појавата на артритис на зглобовите кои се наоѓаат во задниот дел на `рбетот. Болката во грбот многу често се јавува кај повозрасната популација, односно причина за ваквата болка се дегенеративните процеси кои ги зафаќаат дисковите.
Како добив дискус хернија?
Одговорот може да биде најразличен. Некои пациенти предизвикале дискус хернија при кревање тешки предмети, кај некои, пак, може се јавува и при најмала физичка активност. Здравиот диск не може да се оштети на толку лесен начин, па затоа најчесто тука станува збор за веќе оштетен диск. Главниот симптом кај дискус хернија е болка во грбот која се шири во нозете. Ако болката се интензивира и во колената, сè до стапалата, станува збор за посериозна дискус хернија.
Кога е неопходна операција?
Кога болката во грбот станува хронична и не реагира на конзервативниот третман. Исто така, и во случаи кога квалитетот на животот на пациентот е значително нарушен. Друга индикација за операција се инфекции во `рбетниот мозок или тумор.
Дали треба да носам протеза по хирургија на `рбет ?
Генерално протезата не е потребна по операција на диск или спинална фузија изведена со импланти. Во зависност од вашата состојба, хирургот ќе одреди дали треба да носите. Најчесто носењето протеза е за да имате предвид дека во постоперативниот период треба да избегнувате одредени физички активности.
Дали треба да одам на физикална терапија? Колку долго трае рехабилитацијата?
Потребата од физикална терапија и рехабилитација по изведената хируршка интервенција е индивидуална и зависи од состојбата во која се наоѓа пациентот. Генерално, 4 до 6 недели по каква било операција на `рбет пациентите треба да избегнуваат нагли движења во смисла на истегнување, вртење, наведнување и сл.
Како доаѓа до оштетување на дисковите?
Секој меѓупрешленски диск е составен од цврсто ткиво (прстен) исполнет со мек гел (јадро). Прстенот е составен од лигаменти со кои се поврзани прешлените. Јадрото во најголем дел е составено од вода и има улога на амортизер – го ублажува триењето на прешлените. Кога поради одредени состојби доаѓа до раскинување на прстенот може да дојде до протекување на содржината на мекото јадро. Состојби кои предизвикуваат оштетување на дискот се дегенеративниот процес кој се јавува со годините, повреда/траума или прекумерно напрегање (кревање тешки предмети ...)
Какви испитувања треба да направам за да дознаам од каде доаѓа болката во грбот?
Испитувањата зависат директно од вашата состојба и времето на појава на болките. Најчесто користени дијагностички процедури се: рендген, магнетна резонанца, компјутерска томографија, електромиографија, скен на коски. ПЕТ/ЦТ се користи во случај на сомневање на примарен канцер во `рбетот или присуство на метастази кои потекнуваат од друг орган.
Што се тумори на `рбет?
Туморот на `рбет претставува раст на ткиво во или околу `рбетниот столб. Туморите на мозок може да бидат примарни (потекнуваат од `рбетот) или секундарни (метастатски) од тумор во друг орган. Најчести тумори кои даваат метастази во `рбетот се дојките, бели дробови, бубрези и простата.