Структура и функција на здравиот ’рбет
`Рбетот претставува комплексна структура која овозможува стабилност и мобилност на човековото тело. Составен од 33 коски наречени прешлени, служи како столб кој исправено го држи телото и воедно го заштитува ’рбетниот мозок. Кај здравиот `рбет постојат три природни искривувања кои му ја даваат формата на буквата „Ѕ“ гледано од страна. Овие искривувања овозможуваат правилна распределба на телесната тежина.
’Рбетот е поделен на 5 сегменти
Вратен (цервикален) сегмент. Цервикалниот сегмент на ’рбетот ја опфаќа регијата на најгорниот дел на ’рбетот или вратоти е составен е од 7 прешлени(C1-C7). Вратните прешлени се најтенките прешлени на `рбетот, но овозможуваат одлична флексибилност и стабилност на вратот. Со помош на првиот вратен прешлен (Атлас) вратот се движи напред/назад, додека вториот прешлен (Аксис) овозможува ротирање на вратот.
Граден (торакален) сегмент. Торакалниот сегмент се состои од 12 прешлени и претставува најдолг дел на `рбетот. Торакалните прешлени се поголеми и поцврсти за разлика од вратните, но се одликуваат со помала флексибилност. Зглобувањето на торакалните прешлени со ребрата оформуваат т.н. ребрен кафез кој го прави овој сегмент постабилен од другите. Воедно ваквата формација ги заштитува органите кои се наоѓаат во градниот кош.
Слабински (лумбален) сегмент. Лумбалниот сегмент (долниот дел на грбот) го поврзува торакалниот дел од ’рбет со карлицата. Составен е од 5 прешлени. Овој дел од `рбетот ја „носи“ најголемата тежина на човековото тело и токму поради тоа најголемите проблеми со ’рбетот и болките во рбетот се јавуваат токму во овој дел.
Сакрален (крстен) сегмент. Сакралниот сегмент од `рбетот е составен од една голема коска наречена сакрум или крст. Крстната коска е рамна, триаголна коска формирана со спојување на 5 помали прешлени. Главната улога на крстната коска е да го поврзе `рбетот со карличните (илијачни) коски.
Кокцигеалниот сегмент е составен од крстната коска која е формирана со спојување на 3 до 5 мали прешлени. Најчесто крстната коска е составена со спојување од 4 мали прешлени, но кај некои луѓе можно е таа да биде составена од 3 или 5 мали прешлени, што не влијае на нејзината функција. Овој дел е познат како опашка кој има улога да ја носи тежината на телото при седнување и овозможува поврзување на мускулите од карлицата и глутеалната регија.
Интервертебрални дискови
`Рбетните прешлени меѓусебно се одделени со меѓупрешленските (интервертебрални) дискови со цел да се спречи триење на прешлените меѓусебе. Секој меѓупрешленски диск е составен од цврсто ткиво (прстен) исполнет со мек гел (јадро). Прстенот е составен од лигаменти со кои се поврзани прешлените. Јадрото во најголем дел е составено од вода и има улога на амортизер – го ублажува триењето на прешлените. Кога поради одредени состојби доаѓа до раскинување на прстенот може да дојде до протекување на содржината на мекото јадро. Оваа состојба може да предизвика болка бидејќи се создава притисок помеѓу прешлените, како и компресија (притисок) на нервите.
Меки ткива
Тетивите ги поврзуваат мускулите со коските, а лигаментите ги спојуваат коските и ги зајакнуваат зглобовите. Тие, исто така, го ограничуваат движењето во одредени насоки. Мускулите го обезбедуваат движењето на телото и помагаат во одржувањето на стабилната позиција на телото против силите на гравитацијата.