fbpx

Strict Standards: Only variables should be assigned by reference in /home/spinemk/public_html/modules/mod_dropdownarticles/mod_dropdownarticles.php on line 19

Strict Standards: Only variables should be assigned by reference in /home/spinemk/public_html/modules/mod_dropdownarticles/helper.php on line 28

Дегенеративни заболувања на дискот

Помеѓу секој пршлен во ’рбетот лежи амортизирачко перниче кое се нарекува меѓупршленски диск. Како старееме, овие дискови почнуваат да се оштетуваат. Секојдневните активности кои ги правите додека сте во исправена положба е тест за тоа колку вашиот ’рбет може да ја издржи вашата телесна тежина и колку притисок можат да издржат вашите дискови. Исто така, дисковите можат да се оштетат при најмала повреда која предизвикува моментална болка. Со текот на годините, секојдневните оптеретувања, дури и малите повреди на дисковите, постепено можат да доведат до нивно дегенеративно заболување. Иако на почетокот се оштетуваат еден или повеќе дискови, со текот на времето се загрозуваат и деловите на ’рбетот кои ги опкружуваат оштетените дискови.

Најчестиот ран симптом на ова заболување е болка во грбот која постепено се шири до задникот и горниот дел на бутовите. Дегенеративните дискови, исто така можат да предизвикаат таканаречена дискогена болка (која се јавува во оштетениот диск), како и испакнати дискови.

 Секој меѓупршленски диск е составен од цврсто ткиво (прстен) исполнет со мек гел (јадро). Прстенот е составен од лигаменти со кои се поврзани пршлените. Јадрото  во најголем дел е составено од вода и има улога на амортизер – го ублажува триењето на пршлените.

Кај помалите повреди, кои најчесто се резултат на секојдневното напрегање и „истрошување“ на дисковите, прстенот на дискот е оној кој прв се оштетува. На пример, може да дојде до напукнување на цврстиот лигамент. Како што лигаментот пука, така се создава пукнатина. Доколку се создадат неколку пукнатини, или пак една пукнатина која е поголема од здравиот, нормален лигамент, тогаш дискот станува послаб. Ова може да доведе до оштетување на јадрото на дискот. На овој начин јадрото може да изгуби од својата водена содржина и така да ја загуби способноста да делува како перниче. Оваа состојба, подоцна би довела до зголемување на оптоварувањето на пршлените која на крајот би резултирала со уште поголемо оштетување на лигаментите во прстенот на дискот. Како што циклусот на дегенерирање  продолжува, така јадрото на дискот може комплетно да ја загуби својата водена содржина. Доколку дојде до оваа состојба, нуклеусот се распаѓа, а дискот се стеснува. Доколку нуклеусот се распадне, тогаш зглобовите кои се лоцирани на задниот дел од ’рбетот нема да фукционираат нормално.

Во некои случаи, помеѓу оштетените дискови можат да се јават коскени израстоци (остеофити). Ова состојба може да биде многу незгодна доколку израстоците почнат да растат во ’рбетниот канал, така што ќе притискаат на ’рбетниот мозок и нервите во ’рбетот. Оваа состојба се нарекува спинална стеноза.

Постојат многу дијагностички методи за детектирање на разни заболувања и повреди на дисковите. За да се утврди коренот на проблемот, најчесто се користи рендген или магнетна резонанца. Во дијагностицирањето на дегенеративно заболување на дискот, рендгенските зраци можат да го забележат растојанието помеѓу пршлените, формирањето на коскени израстоци, или хипертрофирање на задните зглобови на ’рбетот. Доколку докторот се посомнева во недостаток на вода во јадрото на дискот, спинална стеноза или дискус хернија, тогаш пациентот оди на магнетна резонанца.