fbpx

Дискус хернија

Секој меѓупрешленски диск е составен од цврсто ткиво (прстен) исполнет со мек гел (јадро). Прстенот е составен од лигаменти со кои се поврзани прешлените. Јадрото  во најголем дел е составено од вода и има улога на амортизер – го ублажува триењето на прешлените.

Кога прстенот на дискот се оштетува и напукнува, тогаш мекото јадро може да продре низ пукнатината и да навлезе во ’рбетниот канал. Ова често заболување се нарекува дискус хернија (пукнат диск). Истеченото јадро најчесто може да ги притисне корените на нервите во ’рбетот или  ’рбетниот мозок. На овој начин може да дојде до воспалителна реакција со нервните корени. Поради ова, дискус хернијата може да биде многу болна состојба. Оваа состојба може да се јави како резултат на „истрошеност“ или траума на дисковите. На пример, пад од височина, во седечка положба обично резултира со кршење на прешлените или пукање на дисковите. Исто така, и помала повреда може да резултира со дискус хернија. Покрај тоа, причина за оваа состојба може да биде и кревање тежок предмет во неправилна позиција,  ослабување на дисковите поради повреди кои се повторувале или возраста.  Кај овие состојби дисковите ослабуваат и  стануваат сè поподложни на распукување.

Состојбата кога дискус хернијата го зафаќа вратниот или торакалниот дел од ’рбетот може да биде многу сериозна. Спиналниот канал во овие региони има многу помал простор околу ’рбетниот мозок. Во најлош случај притисокот кој го прави „болниот“ диск  може да доведе до парализирање на пределот под рамето или половината.

 Но, сепак, дискус хернијата најчесто ги зафаќа лумбалниот и цервикалниот дел на ’рбетот, каде што ’рбетниот канал е поширок. Таму притисокот најчесто е врз нервните корени кои таму излегуваат.  На пример, дискус хернија во долниот дел на грбот може да ги притисне  нервните корени на ишијадичниот нерв и да предизвика болка или вкочанетост во задниот дел на ногата, состојба попозната како ишијас. Од друга страна, дискус хернија во цервикалниот дел на ’рбетот може да предизвика болки во вратот и/или рацете.

За да се дијагностицира дискус хернијата најчесто  се зема комплетната анамнеза на пациентот. Од дијагностичките тестови, најчесто се користи магнетна резонанца.

Третманот на дискус хернија зависи од симптомите. Најпрвин докторот може да ви препише лекови и физикална терапија. Доколку имате сериозна болка поради иритиран и  воспален нерв, може да ви се препише аналгетици или епидурална стероидна инјекција.

Хируршкиот третман подразбира вадење на оштетениот дискус-дисцектомија.