Инфекции на ’рбетот
Инфекциите кои го напаѓаат ’рбетот се ретки, но можат да бидат многу сериозни. Во најчестите инфекции на ’рбетот спаѓаат остеомиелитисот, дисцитисот и епидуралниот апцес. Остеомиелитисот е инфекција на прешленската коска. Дисцитис е инфекција која се јавува во меѓупрешленскиот простор и го зафаќа дискот. Епидуралниот апцес е инфекција која се развива во просторот околу ткивото кое го обвиткува ’рбетниот мозок и коренот на нервот.
Пациентите со остеомиелитис генерално имаат треска и остра болка во грбот. Исто така, можат да се јават симптоми од типот на грозница, нагло губење на телесната тежина, потешкотии и болки при уринирањето, нетолерантност кон светлина. Доколку инфекцијата прогресира, може да се појават и невролошки симптоми.
Обично пациентите со дисцитис покажуваат неколку поблаги симптоми на почетокот кои на крајот резултираат со остра болка во грбот.
Симптомите на епидуралниот апцес се поблаги. Може да се појави чувство на трнење во пределот на грбот и изнемоштеност.
Остеомиелитисот може да биде предизвикан од бактериска, специфична (туберкулоза) или габична инфекција која настанала некаде во телото и преку крвотокот дошла до ’рбетот. .
ДИЈАГНОЗА
Магнетната резонанца најчесто се користи во дијагностицирањето на инфекциите на ’рбетот.
ТРЕТМАН
Потешки случаи на неспецифични (гнојни) и специфични (туберкулозни) инфекции на `рбетот се лекуваат со хируршки третман. Во текот на процедурата се отстранува инфицираниот дел од `рбетот до здраво ткиво. По ова се спроведува реконструкција и фиксација на `рбетниот столб. Полесните инфекции се решаваат по неоперативен пат, најчесто со антибиотици по антибиограм.