Патолошки компресиони фрактури на прешлените
’Рбетот е составен од силни коски наречени прешлени. Исто како и секоја друга коска во телото, така и прешленот, може да се скрши. Компресиона фрактура на прешлен се случува кога доаѓа до кршење на прешленот, потоа и негово распаѓање. Оваа состојба најчесто се случува во торакалниот предел на ’рбетот. Во најлош случај некои фрактури можат да направат притисок во ’рбетниот столб и нервите како резултат на самата компресија или, пак, поради испакнување на некоја коска која е во постојан допир со нервите во ’рбетниот столб.
Оваа состојба најчесто е предизвикана при тежок пад или друг тип повреда. Најздравите коски можат да издржат и поголем притисок, додека ’рбетот може да апсорбира и ненадејно надворешно влијание. Но, во секој случај, доколку силата е преголема, а ’рбетот ослабен (како резултат на остеопороза), може да дојде до кршење на еден или повеќе прешлени.
Фрактурите од овој тип најчесто се случуваат како резултат на свиткување на ’рбетот кон напред кога во исто време постои притисок кој го турка ’рбетот кон долу. На пример, пад од столче во седната положба.
Остеопорозата може да се издвои како главен виновник за компресионите фрактури. Остеопорозата ги прави коските послаби и тие не можат да поднесат дури и нормален притисок. Во овој случај коските се поподлежни на кршење и распаѓање дури и при извршување на секојдневните активности.
Покрај тоа, туморите (поретко примарните, почесто метастатските) кои се проширени до ’рбетниот столб може да предизвикаат компресиона фрактура. Туморот ја ослабува структурната подлога на ’рбетот и предизвикува оштетување на делови од прешленот и ја ослабува коската додека не се распадне.
СИМПТОМИ
Фрактурата предизвикана од ненадејна повреда во зависност од локализацијата може да предизвика остра болка во грбот, нозете и рацете. Доколку фрактурата ги повреди нервите во ’рбетниот мозок или нервите кои излегуваат од него, може да предизвика невролошки оштетувања до комплетна анализа.
ДИЈАГНОЗА
Докторот ќе се потруди да го лоцира потеклото на проблемот и ќе препорача одредени дијагностички испитувања. Најчестата дијагностичка алатка за овој проблем е рендгенот кој брзо може да ја лоцира скршеницата на прешленот. Исто така, за попрецизна дијагноза докторот може да препорача Компјутерска томографија, магнетна резонанца која се смета за златен стандард во дијагностицирањето. Покрај тоа, може да се применат и невролошки испитувања (EMG -електромиографија)
ТРЕТМАН
Најчестиот третман во лекувањето на компресиона фрактура се корсетите, намалувањето на активностите и лекови за ублажување на болката. Запомнете, лековите нема да ви помогнат да ја излекувате фрактурата туку само ќе ви ја ублажат болката. Во третманот на компресионите фрактури се употребуваат кифопластика и вертебропластика како минимално инванзивни постапки.