fbpx

Strict Standards: Only variables should be assigned by reference in /home/spinemk/public_html/modules/mod_dropdownarticles/mod_dropdownarticles.php on line 19

Strict Standards: Only variables should be assigned by reference in /home/spinemk/public_html/modules/mod_dropdownarticles/helper.php on line 28

Тумори на `рбетен мозок

Клетките на централниот нервен систем растат и се размножуваат по одреден и контролиран ред. Во одредени случаи, кога ваквиот процес излегува надвор од контрола, клетките се размножуваат неконтролирано создавајќи туморска маса.

Туморите на ’рбетниот мозок може да бидат бенигни и малигни. Бенигните тумори може да растат, но не се рашируваат во друг дел од телото. Кај малигните тумори, клетките неконтролирано се размножуваат при што го оштетуваат и околното ткиво. Малигните клетки може да се рашират и во другите делови на централниот нервен систем.

Интрамедуларни тумори

Ваквиот тип тумори се локализирани во ’рбетниот мозок. Постојат повеќе видови, меѓу кои најчести се астроцитом и епендимом.

Интрадурални - екстрамедуларни тумори

Овие тумори се сместени меѓу обвивката и самиот `рбетен мозок. Менингиомите се најчестите тумори од овој вид, следени од неуриномите.

Секундарни тумори на `рбетен мозок

Многу ретко се случува тумор локализиран во друг дел од телото да се рашири во ’рбетниот мозок. Третманот во овој случај ќе зависи од тоа од кој дел од телото потекнува бидејќи секундарниот тумор реагира на истиот третман на кој реагира туморот од којшто се појавил. Во случај кога секундарниот тумор го зафаќа ’рбетниот мозок може да врши притисок на ’рбетниот мозок и нервите.Ова може да доведе до нарушување на функцијата на нервите. Третманот на секундарните тумори опфаќа стероидна терапија и радиотерапија. Целта на терапијата е да се намали туморот и да се ослободи притисокот кој тој го врши. По ослободувањето на притисокот, понатаму третманот зависи во зависност од локализацијата на примарниот тумор.

Спинален менингеом

Локализиран е во `рбетниот канал и настанува од клетките на обвивката на `рбетниот мозок. Симптоми кои се јавуваат при овој вид  тумор се: болка, слабост и трнење на делот од телото каде што се наоѓа туморот. Дијагнозата се поставува со магнетна резонанца. Третманот е микрохируршко отстранување на менингеомот. Со хируршката интервенција може да се отстрани целосно, без да се направат дополнителни оштетувања. Доколку се дијагностицира навреме, заздравувањето по операцијата е целосно. Многу ретко се јавува малигна форма на менингеомот.

Спинален неурином

Локализиран е во ’рбетниот канал, настанува од клетките на нервните корени кои излегуваат од ’рбетот и е припоен за нив. Симптоми кои се јавуваат при овој вид тумор се  болка, слабост и трнење на делот од телото каде што се наоѓа туморот. Дијагнозата се поставува со магнетна резонанца. Третманот е хируршко отстранување на неуриномот. Овој вид тумор се лекува микрохируршки, со негово целосно отстранување. Доколку е откриен навреме, постои можност за целосно заздравување. Многу ретко се јавува малигна форма.

Глиом на `рбетен мозок

Овие тумори се локализирани во внатрешноста на `рбетниот мозок. Многу често заедно со нив има и присуство на цисти во ’рбетниот мозок. Симптомите се исти како и кај другите видови тумори: болка, слабост и трнење на делот од телото каде што се наоѓа туморот. Дијагнозата се поставува со магнетна резонанца, при што треба да се исклучи дека се работи за мултиплекс склероза или различни форми  миелитис (воспаление на мозок). Астроцистомите имаат поголема можност да се инфилтрираат, па затоа некои од овие тумори не можат да бидат целосно отстранети. Доколку се откриени навреме и не се инфилтрирани по операцијата, заздравувањето е целосно. Малигната форма на овие тумори е најчеста и се јавува во форма на анапластичен астроцистом.

Третман

Третманот на туморите на `рбетниот мозок зависат од многу фактори: возраст, здравствена состојба, големината и локализацијата на туморот и сл. Вашиот доктор откако ќе ги направи сите испитувања ќе го одбере најдобриот начин за третман на туморот. Мултидисциплинарниот пристап во третманот на ваквиот тип тумори е од особено значење за ефикасниот третман, како и за квалитетот на животот по изведување на интервенцијата.  Главната цел на хируршкиот третман е да се отстрани туморот без притоа да се ослабе `рбетниот столб. Во случаи кога е возможно туморот да биде отстранет, тој се отстранува во целост. Доколку не постои можност за целосно отстранување, во тој случај се отстранува само дел од туморската маса. Со цел да се намали притисокот што туморот го создава во спиналниот канал се изведува интервенција – декомпресивна ламинектомија и пластика на dura mater (обвивка на `рбетниот мозок).

Во Спиналниот центар во „Аџибадем Систина“  искусниот тим хирурзи успешно ги отстранува и помалку достапните тумори со минимален ризик  од оштетување на нервите. Благодарение на софистицираниот микроскоп неврохирурзите може полесно да направат разлика од туморот и здравото ткиво и на тој начин да ги сведат на минимум  компликациите по интервенцијата.