fbpx

Тумори на ’рбет

Спиналните тумори се абнормални ткива кои се наоѓаат во внатрешноста на ’рбетниот столб или `рбетниот мозок. 90 - 95% се лоцирани во рбетниот столб, додека само  5% од овие тумори го напаѓаат `рбетниот мозок. Спиналниот тумор кој се раширил од друг регион во телото се нарекува секундарен или метастазирачки тумор. Туморите кои се формираат во самиот ’рбет се познати под името примарни тумори и се многу ретки. Овие тумори можат да бидат бенигни и малигни. Иако бенигните тумори можат да бидат многу болни и да го оштетат коскеното ткиво, сепак, малигните се многу поопасни.

Туморите во ’рбетниот столб можат да предизвикаат болка, сензорни промени и проблеми со моториката. Туморите честопати можат да предизвикаат чувство на слабост и губење на чувството во пределот на екстремитетите. Многу од симптомите можат да се поврзувaат со дегенеративно заболување на дискот и други проблеми кои се јавуваат многу почесто.

СИМПТОМИ

Основниот симптом кој им посочува на пациентите да посетат доктор е болката во грбот која не се поврзува со никаква активност. Одморањето и лежењето само малку ги ублажуваат симптомите или воопшто не ја намалуваат болката. Другите симптоми вклучуваат: ишијас, вкочанетост, парализирање на одредени делови од телото, спинални деформитети, отежнато контролирање на мочниот меур и аналниот свинктер.

ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА  НА ТУМОР

Причината за најголемиот дел примарни тумори е непозната. Понекогаш причината може да биде генетскиот фактор или, пак, изложувањето на агенси кои предизвикуваат канцер.

ДИЈАГНОЗА

Дијагностичките алатки кои помагаат во откривањето на туморите се рендгенските зраци, магнетната резонанца и КТ скенот, а понекогаш потребна е и биопсија.

Опциите за третман на тумори на ’рбетот вклучуваат хирургија, радијација и хемотерапија. Може да се препишат и стероиди со цел да се намалат отоците во централниот нервен систем. Соодветниот третман зависи од дијагнозата.

ТРЕТМАН

Туморите најчесто се лекуваат по оперативен пат бидејќи се екстра маса (туморска маса) која го разорува прешленот што е придружено со болка, а може да доведе и до патолошка фрактура, што предизвикува нестабилност на `рбетот или, пак, врши компресија на нервите што е причина за невролошки оштетувања. Хируршкиот третман опфаќа радикално отстранување на туморот, декомпресија на `рбетниот столб, апликација на инплантанти и фиксација на `рбетот со посебни титаниумски шрафови и прачки. На овој начин туморот е отстранет, а `рбетниот столб реконструиран и стабилен. По хируршкото отстранување на туморот следува дополнителен третман (радиотерапија, хормонална терапија, цитостатици). Потребна е и физикална терапија со цел заздравување на пациентот. 

Третманот секогаш е мултидисциплинарен. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со врвен тим со долгогодишно искуство во сите сегменти во дијагностиката и згрижување на овој тежок хируршки проблем.